Историјата и традицијата на кафе паузата
Не се потребни никакви истражувања за да дознаеме колку корисна може да биде кратката кафе пауза за работниците, но и општо за целиот бизнис. Добрите работодавци отсекогаш знаеле дека паузата за време на работните часови, делува врз продуктивноста на работниците. Сепак, никој не е точно сигурен кога првпат во историјата паузата на работниците станала поврзана со кафето. Една приказна вели дека токму пронајдокот на првата еспресо-машина е почетокот на оваа секојдневна традиција. Имено, тоа се случило во 1901 година, кога италијанскиот сопственик на една фабрика, Луиџи Безера, барал начин како да им ја намали паузата на неговите работници. Му текнало дека доколку најде начин како побрзо да прави кафе, неговите работници побрзо би го испиле и веднаш би се вратиле на своите работни позиции. Така му дошла идејата да употребува пареа под притисок за побрзо да направи свежо кафе со топла вода. Неговата идеја давала дури и подобри резултати одошто очекувал, а токму овој момент вовел еден нов начин на правење кафе низ светот.Скоро во истиот период фабриката „Barcolo Manufacturing“ од Бафало, Њујорк официјално ја направила кафе паузата дел од бенефициите кои вработените можеле да ги уживаат за време на работните часови. Според приказните од неколку стари весници, во 1902 година вработените преговарале за кратки паузи наутро и напладне, а еден од нив доброволно се пријавувал да го грее кафето на плотна загревана од керозин. Сепак, кој точно ја направил првата официјална кафе пауза сè уште е збунувачка приказна. Една друга компанија од Бафало, прикажува запис од 1901 година, според кој се гледа дека било одлучено да им се дава бесплатно кафе на вработените.Но дури во 1964 година, кафе паузата стана национален проблем во САД. Според магазинот „Time“, во јуни 1964 година, обединетите автомобилски работници започнале преговори со големата тројка (General Motors, Ford и Chrysler) за 15-минутно исклучување на машините за да можат да уживаат во кафе паузата. Иако во тие преговори биле вклучени и други работи како здравствено осигурување, покачување на платите и бенефиции за пензионерите, сепак проблемот со кафе паузата за малку не довел до штрајк и затворање на погоните.Денеска во скоро секој договор за вработување пишува дека во работна смена од 8 часа, работникот може да направи барем една пауза. Исто така, голем број работодавци се одлучуваат да нудат бесплатно кафе за своите вработени, бидејќи за мал трошок може да извлечат многу поголема корист. Според професорот Кери Купер од универзитетот во Ланчестер, кога вработените бараат на работното место да им се обезбеди бесплатно кафе, всушност му викаат на својот работодавец „Цени ме“.
Какво е вашето искуство? Ја добивате ли својата заслужена кафе пауза на работното место? Кој плаќа за вашето кафе?
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.