Плејлиста за релаксација: Опуштете се по напорниот ден со извонредниот музички избор на Гаро Тавитјан
11. Таке 6 – Get Away Jordan
„Сигурно сите сте слушнале за Boyz To Men. Е па, овие момци се нивни идоли кои се добитници на 10 награди Греми. Шест вокали кои хармонизираат сѐ што ќе фатат со својот глас, секаква мелодија, па дури и имитација на ритами. Неверојатно познавање на вокалните способности, неверојатни хармонии и рехармонизации, како и прекрасно чувство на црнечки соул и џез, а најмногу госпел, бидејќи тие се познати по опејување госпел песни во речиси сите нивни проекти. Самите се големи верници така што песните и аранжманите им се само едно потсетување на тоа што сѐ може да се изведе и направи во животот со Божја помош. Прегледајте сѐ од нив. Ќе се фасцинирате во секоја смисла.“
12. New York Voices – Sultan Fainted
„Знам дека на пошироката јавност малку ѝ се познати, но сепак тие се легенди на светската сцена. Оваа композиција отсликува неверојатни способности за вокална интеракција, хармониски гласови, повторно рехармонизации, страшно чувство за ритмика и самба. Импровизации и сѐ друго поврзано со фјужн џез сцената во почетокот на 90-тите. За да се пее како нив и да се свири како момциве, треба огромно знаење, стручност, познавање на хармонија и вистинската музика. Инвестираниот труд е за секоја почит. Пијаното е на врвно ниво. Интересно е што тука вокалите имаат задача да заменат некој инструмент како пијано или брас секција која инаку би држела хармониска позадина, а овие момци ги пеат најтешките делови за вокали, кои инаку би требале да ги свират инструменти. Проверете ја нивната изведба на ‘Giant Steps’ напишана од Џон Колтрејн. Значи, екстремен бенд.“
13. Jacob Colier – Don’t You Worry ‘Bout A thing
„Што да кажам за момчево не знам. Ќе се потрудам да кажам дека ако постои зборот гениј, тоа е ова момче и бидејќи е тешко со нестручни зборови да се објасни, ќе пробам некако да кажам дека можноста да научиш тешки техники за хармонизирање, рехармонизација, аранжирање за многу гласови, свирење пијано, бас, тапани и што уште не, е дефинитивно перверзија… Особено на оваа негова возраст кога човек навистина се прашува како на 19 години ги совладал сите техники на хармонизирање. Прекрасно свири пијано, гласот му е феноменален. Денес е под закрила на Квинци Џонс (Продуцентот на Мајкл Џексон на Thriller, Bad & Of the Wall). Проверете сѐ од Џејкоб на неговиот Јутјуб канал. Тој претставува една огромна надеж за новата генерација музичари во светот. Одвај чекам да го запознам лично…“
14. Diran Tavitjan – Whisper
„Една вкусна џез балада од брат ми кој би ми се налутил што го фалам во моментот, но за мене дефинитивно е еден од гуруата во музиката и како композитор, изведувач и визионер. Оваа емоција изнесена низ пијано и прекрасни хармонии едноставно ми го стоплуваат срцето и композицијата ја слушам со подеднаква радост како што ги слушам сите светски автори. Ова е една од неговите многу композиции каде со суптилност, голема доза на висока естетика и магија во изведбата, ме плени секој пат. Овој шепот навистина може да ве однесе во еден друг свет.“
Откако го ослободивте умот од сите грижи со помош на музичкиот избор на Гаро, ние ви нудиме една помалку позната негова композиција која ќе ве одведе некаде далеку од брзиот живот во урбаното општество…