Плејлиста за релаксација: Опуштете се по напорниот ден со извонредниот музички избор на Гаро Тавитјан - Part 2

Плејлиста за релаксација: Опуштете се по напорниот ден со извонредниот музички избор на Гаро Тавитјан

6. Pat Metheny – Another Life

„Повторно Пет Метини во оваа пригода, а најверојатно и во секоја. Според мене тоа се тие генијалци во модерните правци кои со своето авторство покажаа како може после Бах и Моцарт да се оди понатака и тоа многу квалитетно во нивната визија и изведба. Богатите хармониски прогресии се клучниот фактор кај овие феноменални автори, како и чувството за отмена мелодија која како птица пролетува низ небото и на моменти имате чувство дека и вие да лебдите некаде со звуците на сите инструменти кои се вешто селектирани во нивната природна динамика. Вокалот на оваа композиција е Ричард Бона кој навистина плени и затоа оваа композиција е една многу уметнички естетска творба. Лајл Мејс со своето пијано и генијалниот Пет Метини со неговиот енормно развиен осет за мелодиска импровизација. Предложувам да ги побарате и ‘Sunlight’, ‘The longest summer’, ‘Last train home’ и сѐ што ќе најдете од Пет Метини и Лајл Мејс. Албумите на Лајл Мејлс насловени како ‘Street Dreams’ и ‘Lyle Mays’.“

7. Pat Metheny – Finding And Believing

„Кога разговараме за вистинско авторство во музиката и за нешто што се нарекува ‘World music’, тогаш ова е веројатно производ на највисока естетика, знаење, имагинација, сеопфатност и генијалност во пишување и изведување музика. Инволвирани се ритами од африканско потекло во шест осмини, оркестар од Лондон (симфониски) во дел од композицијата, како и златен пресек и стишување на динамиката во средина на композицијата. Неверојатен спој на акустика со модерна технологија, а сепак сѐ е отсвирено во живо, што малкумина го умеат. Грандиозноста на идеите и хармониските концепти повторно се надминуваат себеси. Инволвирани се специјални ефекти, ксилофон, гудачки секции, басови, пијано, контрабас, флејти, кларинети итн. Ремек-дело е мал збор со оглед на тоа што често слушам дека тој термин се користи за сѐ и сешто. Според мене, ова е ремек-дело. Оркестрацијата, аранжманите и рехармонизацијата на композицијата се вонвременски и вселенски. Немам што да додадам повеќе. Кога се споменува зборот автор, мене ми паѓа на ум вакво авторско дело. Уживајте во уметноста на оваа вистинска композиција заедно со Лајл Мејс и Пет Метини. Гуруа на музиката…“

8. Gretchen Parlato – Blue In Green

„Гречен се појави пред многу години, ја запознав на еден фестивал низ Европа каде настапувавме и двајцата. Сензибилноста на изведбата на овој џез стандард е прекрасна бидејќи ретко луѓето се осмелуваат да направат еден пресек на клише изведбите на џез стандардите кои се вадат на пола час импровизација. Овие момци овде го направиле истото само на многу подлабок начин со рехармонизации и промена на формата во смисла на метрика и прогресии. Импровизациите на Тејлор Егист се неверојатно добри на пијаното, а вокалот на Гречен плени и би ве посоветувал да ја пронајдете секоја нејзина изведба и проект.“

9. Esperanza Spalding – I Know You Know

„Есперанца се чини дека го освои светот за многу кратко време, а почна како наивна девојка од Портланд во Америка, но всушност нејзиниот талент за композиција и перформанс ја однесе до наградата Греми. Специјална девојка со невидена естетика и елеганција. Пее и свири контрабас. Како артист е една од омилените на новата светска џез сцена и веќе уживаше соработка со Стиви Вондер и целата светска џез елита со која е потешко да се соработува отколку со Мадона, поради фактот што џезерите не соработуваат така лесно доколку не ги фасцинираш со квалитет првенствено, бидејќи и самите тие носат богата историја. Есперанца во оваа песна се покажува и како одличен текстописец. Дефинитивно прегледајте ги нејзините песни.“

10. Diane Reeves – Nearness Of You

„Дајана е светска легенда во џез пеењето и оваа изведба на прекрасна композиција е само уште еден доказ за нејзините дијамантски изведби на сите стандарди кои ги фатила во свои раце. Нејзините концерти и проекти се само предмет за уживање без дискусија. Тоа е тој црнечки силен вокал со невидена експресија и вокални способности. Не се знае која изведба ѝ е подобра. За вистинските познавачи на џез вокалната музика, Дајана е мајка на модерниот џез перформанс и далеку пред прекрасната Дајан Крал и Елина Елијас, кои секако морате да ги слушнете.“

За последните 5 песни продолжете на третата страна


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар